ОПОЗИЦИЈАТА ЈА НАПАДНА МЕЛОНИ ОТКАКО СТОТИЦИ ДЕМОНСТРАНТИ ПОЗДРАВИЈА СО ЗАБРАНЕТ ФАШИСТИЧКИ ПОЗДРАВ НА МАРШ ВО РИМ

    ОПОЗИЦИЈАТА ЈА НАПАДНА МЕЛОНИ ОТКАКО СТОТИЦИ ДЕМОНСТРАНТИ ПОЗДРАВИЈА СО ЗАБРАНЕТ ФАШИСТИЧКИ ПОЗДРАВ НА МАРШ ВО РИММаршот се одржа во работничка населба во Рим по повод 46 години од убиството на тројца членови на неофашистичка група (Фото: АП)

    Опозициските партии во Италија побараа од владата предводена од десничарката Џорџа Мелони да објасни како на стотици демонстранти им било дозволено да упатат забранет фашистички поздрав на марш во Рим, без да интервенира полицијата. Маршот се одржа во неделата вечер во работничка населба во Рим по повод 46 години од убиството на тројца членови на неофашистичка младинска група, извршено од милитанти на екстремната левица.

    Во еден момент, присутните ја испружиле нивната десна рака, поздрав што потекнува од времето на фашистичкиот лидер Бенито Мусолини. Според поствоеното законодавство, употребата на фашистичките симболи, што го вклучува и овој поздрав, е забранета.

    Лидерката на опозициската Демократска партија, Ели Шлајн, беше една од оние кои во парламентот побараа објаснување од министерот за внатрешни работи зошто полицијата не презела ништо за да го запре маршот.

    „Рим, 7 јануари 2024. Повеќе изгледа како 1924. Зарем Мелони нема ништо да каже за ова?“, праша Шлајн.

    Годишниот собир се одржа пред некогашното седиште на Италијанското социјално движење, неофашистичка партија формирана по Втората светска војна, која подоцна се вклопи во партијата на Мелони, Браќа на Италија. Видео кое се прошири на социјалните мрежи покажува мажи како стојат во редови, а по фашистичкиот поздрав извикуваат „За нашите паднати соборци“, што е типичен неофашистички извик.

    Телевизијата „Раи“ синоќа објави дека полицијата го истражува масовниот поздрав на маршот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира