Лидерот на Демократите во Сенатот на САД побара специјален обвинител да ја преземе федералната истрага за руското замешателство во претседателските избори и наводните московски врски на претседателот Трамп за време на претседателската кампања.
Барањето за специјален обвинител доаѓа откако во вторникот Трамп му даде отказ на шефот на ФБИ Џејмс Коми, кој ја водеше истрагата за изборите од 2016 година.
„Ако некогаш имало околности што бараат ангажман на специјален обвинител, тоа е токму сега“, рече сенаторот Чак Шумер, демократ од државата Њујорк и лидер на опозицијата во горниот дом на Конгресот.
Белата куќа рече дека тоа барање е непотребно затоа што истрагата на ФБИ продолжува и покрај неколку истраги во Конгресот. „Сите истраги што се воделе во понеделникот се водат и денеска“, изјави портпаролката на Белата куќа Сара Сандерс.
Изненадувачката одлука на Трамп да го отпушти Коми дојде среде актуелната истрага што ја предводеше директорот на ФБИ за наводна соработка меѓу изборната кампања на Трамп и Русија. Потегот на американскиот претседател веднаш предизвика обвинувања за политичко мешање во истрагата, а незадоволни се и републиканци и демократи.
Администрацијата на Трамп го обвини Коми за многу грешки што ги направил за време на истрагата за мејловите на Хилари Клинтон и го наведе тоа како причина за отказот.