Иранскиот претставник во Меѓународната поморска организација на Обединетите нации кажа дека Ормускиот Теснец останува отворен за сите бродови освен за оние на „непријателите на Иран“. Али Мусави појасни дека минувањето на тесниот премин е можно со координирање на безбедносните аранжмани со Техеран.
„Дипломатијата останува приоритет на Иран. Сепак, целосното прекинување на агресијата и меѓусебната доверба се поважни“, вели Мусави, додавајќи дека израелските и американските напади врз Иран се коренот на моменталната ситуација во Ормускиот Теснец.
Доналд Трамп ноќеска му постави ултиматум на Иран и се закани дека ќе ги уништи неговите електрани ако во рок од 48 часа не го отвори Ормускиот Теснец. Тој е затворен за најголемиот број бродови од почетокот на американско-израелските напади врз Иран пред три недели. Трамп побара помош од други држави во неговото обезбедување, но тоа остана без конкретен одговор. Блокадата на 50 километри широкиот премин и нападите врз бродовите доведоа до пораст на глобалните цени на нафтата и гасот.
Иранскиот пратеник Алаедин Боруџрди изјави дека некои бродови му плаќаат на Иран два милиона долари за да поминат низ Теснецот.
„Во Теснецот се наметнува нов режим на управување. Војната си има цена. Ова ги покажува авторитетот и правото на Исламската Република Иран“, рече тој.



