ОСЛОБОДЕН ЏУЛИЈАН АСАНЖ ОТКАКО ПОСТИГНА ДОГОВОР СО АМЕРИКАНСКИТЕ ВЛАСТИ

    ОСЛОБОДЕН ЏУЛИЈАН АСАНЖ ОТКАКО ПОСТИГНА ДОГОВОР СО АМЕРИКАНСКИТЕ ВЛАСТИВикиликс потврди дека Асанж излегол од затворот Белмарш, по што се качил на авион за Австралија (Фото: Икс)

    По долги години правна битка, основачот на Викиликс Џулијан Асанж утрово излезе од затвор и ја напушти Велика Британија откако во неочекуван пресврт постигна договор со американските власти. Според него, Асанж се изјасни за виновен за кршење на американскиот закон за шпионажа, по што му беше дозволено да се врати во Австралија по 14-годишната одисеја.

    Педесет и двегодишниот Асанж ја призна вината за едно кривично дело – заговор за добивање и откривање доверливи документи за американската национална одбрана, за што ќе биде осуден на 62 месеци затвор, што веќе ги одлежа во Велика Британија, поради што од денеска е слободен човек. Асанж помина пет години во затвор во Британија, од каде што се бореше против екстрадицијата во САД.

    Викиликс утрово потврди дека Асанж излегол од затворот Белмарш по поминати 1.901 ден во мала келија, по што се качил на авион за Австралија. Се очекува договорот да биде финализиран утре во судот на Маријанските Острови, кои се дел од САД.

    Во 2010 Викиликс објави стотици илјади доверливи американски документи за војната во Ирак и Авганистан, што беше најголемиот безбедносен пробив од таков вид во американската воена историја. Асанж беше обвинет во времето на администрацијата на Доналд Трамп и оригинално се бараше за 18 кривични дела според законот за шпионажа. Првпат беше уапсен во Велика Британија во 2010 според европски налог за апсење откако шведските власти сакаа да го испрашаат во врска со обвинувања за сексуален напад, што подоцна беа отфрлени. Асанж потоа избега во амбасадата на Еквадор, каде што живееше седум години со цел да избегне екстрадиција во Шведска.

    Откако беше извлечен од амбасадата во 2019, Асанж повторно заврши во затвор за непојавување на суд. Оттогаш беше во затворот Белмарш во Лондон и пет години водеше борба против екстрадиција во САД.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира