Криста Пајк, Американка осудена на смрт, е свесна и зборува откако преживеа два обида за егзекуција со смртоносна инјекција минатата недела. Пајк (50) продолжува да добива медицинска нега додека е врзана со лисици во болница, соопштија нејзините адвокати.
Пајк, која беше осудена на смрт за бруталното убиство на Колин Слемер во 1995, преживеа две смртоносни инјекции минатата среда во Тенеси. Таа беше однесена во болница, каде што остана во несвест, додека медицинскиот персонал го чистеше нејзиното тело од вбризганата хемикалија.
Експертите и нејзиниот правен тим велат дека нејзиното очигледно закрепнување е без преседан. Се верува дека таа е единствената личност која преживеала смртоносна инјекција.
Адвокатите на Пајк го оценија нејзиниот напредок како „медицински невидено“ и иако прогнозата останува неизвесна, очекуваат долго закрепнување.
Криминологот Дебора Дено изјави дека е целосно вчудоневидена што Пајк е свесна и зборува.
„Имало седум други случаи во кои затвореници преживеале планирани погубувања, но во тие случаи, извршителите на смртната казна не успеале да вбризгаат ништо во вените на затворениците. Пајк е единственото лице на кое му било вбризгано некаков вид токсин“, рече Дено.
Надлежните сè уште не соопштиле дали повторно ќе се обидат да ја погубат Пајк. Тие исто така не понудиле објаснување за тоа што тргнало наопаку откако ѝ била вбризгана хемикалијата пентобарбитал. Гувернерот на Тенеси, Бил Ли, ги суспендираше сите извршувања на смртна казна до крајот на годината, а шефот на затворскиот систем во државата изјави дека планира да поднесе оставка.
Пајк имала само 18 години кога со нејзиното тогашно момче Тадарил Шип ја претепале, мачеле и убиле Слемер. Убиството во 1995 година предизвика медиумска бура во САД, откако Слемер беше пронајдена со врежан превртен пентаграм на градите. Пред убиството, Пајк ја обвинила Колин дека ја навредила и дека се обидела да ѝ го преземе тогашното момче. Двајца сведоци сведочеа на судењето дека Пајк се фалела со убиството и дека им покажала дел од черепот на Колин.



