Осум луѓе загинаа, а неколкумина се сериозно повредени во пожарот во илегален хостел во главниот град на Летонија, Рига.
Пожарникарите кажаа дека пожарот избувнал утрово на врвот на шесткатна зграда, при што биле евакуирани најмалку 24 лица, од кои некои имале изгореници и проблеми со дишењето. Се верува дека повеќето од загинатите се странски државјани, изјави градоначалникот на Рига, Мартинс Стакис, и побара помош во идентификацијата.
„Станот, лоциран во близина на главната железничка станица, се наоѓа во рамките на државна зграда и немал дозвола да биде користен како хостел“, кажа Стакис.
Покрај осумтемина загинати, полицијата соопшти дека девет лица се повредени. Пожарот ги зафатил последниот спрат и покривот на зградата и бил целосно изгаснат дури по четири часа.