Осуммина луѓе се прогласени за виновни за вооружениот грабеж во хотелската соба на Ким Кардашијан во Париз пред девет години, кога бил одземен накит вреден милиони долари.
Четворицата кои директно учествувале во грабежот добија казни до осум години затвор, главно условни и нема да се вратат во затвор поради веќе одлежаното време. Две лица се ослободени.
Девет мажи и една жена беа обвинети дека извршиле или помагале во вооружениот грабеж на накит вреден десет милиони долари, вклучувајќи дијамантски свршувачки прстен, што се случи за време на Париската модна недела во 2016.
„Овој грабеж беше најужасното искуство во мојот живот, што остави трајни последици врз мене и моето семејство“, изјави Кардашијан по изрекувањето на пресудата.
Ноќта меѓу 3 и 4 октомври 2016, таа била во својата соба во хотелот „Пурталес“ во централен Париз, кога група мажи кои носеле полициски униформи влегла во зградата. Најголемиот дел од осудените денес се во свои 60-ти и 70-ти години, некои и тешко болни, поради што го добија прекарот Дедовци разбојници од француските медиуми. Тие добија многу помали казни од она што го бараа обвинителите.
На судењето, Кардашијан раскажа како ѝ бил вперен пиштол во грбот и била турната на подот. Кажа дека се плашела дека ќе ја силуваат и дека ѝ ги врзале нозете заедно.
„Пиштол беше вперен во мене, мислев дека ќе умрам“, кажа ТВ-ѕвездата.