Откажани се концертите на Тејлор Свифт во Виена, што требаше да се одржат денеска, утре и в сабота, поради можни безбедносни закани. Ова доаѓа откако двајца луѓе беа уапсени вчера под сомнение дека планирале исламистички напади во областа на Виена, а како можна мета биле издвоени концертите на поп-ѕвездата.
„Еден од уапсените е 19-годишен Австриец со потекло од Северна Македонија кој со семејството живеел во Терниц, јужно од Виена Тој е уапсен поради силно сомнение за тероризам“, објави австрискиот весник „Кронен цајтунг“.
Шефот на полицијата на Виена, Герхард Пирстл, изјави дека на секој концерт се очекуваа по 68.000 фанови, плус 22.000 надвор од стадионот „Ернст Хапел“.
„Благодарение на интензивната соработка на нашите безбедносни агенции и полиција со странските служби заканата беше препозната рано, реагиравме и спречена е трагедија. Истрагата продолжува“, кажа Пирстл.
Второто апсење било извршено вчера попладне во Виена, според виенски „Курир“ бил 17-годишник, а полицијата рече дека се трага по уште тројца осомничени.
„Според досега утврденото, двајцата осомничени биле радикализирани преку интернет. Деветнаесетгодишникот ѝ дал заклетва на Исламска држава во почетокот на јули“, изјави генералниот директор за јавна безбедност на Австрија, Франц Руф.
Голема операција била спроведена во Терниц, при што биле евакуирани неколку куќи.
„Во домот на 19-годишникот се пронајдени хемиски супстанци, кои се испитуваат“, рече Руф.
На 2 ноември 2020, терористот кој го изврши нападот во срцето на Виена во кој загинаа четири лица беше Австриец по потекло од тетовското село Челопек. Австриската полиција го идентификуваше како 20-годишниот Кујтим Фејзулаи, роден во Виена, кој имал и австриско и македонско државјанство, чии родители се со потекло од Челопек. Тој никогаш не бил во Македонија. Полицијата кажа дека бил симпатизер на Исламска држава, кој одлежал неколку месеци затвор во 2019 за обидот да замине да се бори во Сирија. Полицијата потврди дека Фејзулаи предвреме бил пуштен од затвор откако поминал низ процес на дерадикализација.