Жестокиот говор на американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс доминираше на првиот ден на Минхенската безбедносна конференција и ги шокираше европските сојузници на САД.
„Никој не збори за ништо друго“, изјави еден источноевропски функционер.
Венс ги нападна политиките на естаблишментот, ја повика Европа да ја ограничи имиграцијата и ги спореди лидерите на ЕУ со советските комесари зашто ја критикуваат крајната десница и ја цензурираат слободата на говорот. Покрај тоа, кажа дека најголемата закана за Европа не доаѓа од Русија или Кина, туку одвнатре, од напуштањето на суштинските вредноси и начела.
„Ова се нови Соединетите Американски Држави, јасно е дека веќе ги нема оние на кои што Европа беше навикната со децении. Ова би можел да биде повик за будење за Европа“, кажа поранешен висок европски дипломат.
Обраќањето на Венс беше проследено со молк во салата, а подоцна и осудено од неколкумина високи политичари. Германскиот министер за одбрана Борис Писториус кажа дека зборовите на Венс се неприфатливи. Сајтот „Политико“ објави дека зборел со 14-мина учесници на конференцијата и повеќето изразиле гнев и шок од говорот на Венс.
„Тоа беше лудо и загрижувачки“, изјави еден германски функционер.
Трамп, пак, кажа дека говорот на Венс бил „многу добар, поточно брилијантен“.
Венс едвај ја спомна војната во Украина, но ѝ порача на Европа дека мора значително да вложува во сопствената одбрана. Некои сметаат дека вториот мандат на Трамп конечно ќе ја принуди Европа да сфати дека веќе не може да се потпира врз САД како во изминатите децении.
„Колку сум нервозен поради САД? Да бидам искрен, загрижен сум за Европа. Не треба да се фокусираме на она што се случува во САД и на она што го рекол Трамп. Веќе заостануваме три чекори. Прашањето е што ќе направиме во врска со тоа“, изјави бившиот литвански премиер Габриелиус Ландсбергис.