Банкарските акции и обврзници паднаа денеска откако најголемата швајцарска банка „УБС“ ја презеде проблематичната банка „Кредит Свис“ со помош на владата, зделка која беше договорена во обид да се поврати довербата во разнишаниот сектор. „УБС“ ќе плати 3,23 милијарди долари за 167 години старата банка и ќе ги преземе нејзините загуби од 5,4 милијарди долари.
Акциите на „Кредит Свис“ денеска паднаа за 62%, а на „УБС“ за 16%, што следува по денот на големи продажби на азиските финансиски пазари, додека раниот оптимизам на инвеститорите околу напорите за запирање на банкарската криза брзо исчезна.
„Треба да стане јасно дека повеќе од една недела од почетокот на банкарската паника и две интервенции организирани од властите, проблемите нема да исчезнат. Напротив, тие стануваат глобални. Купувањето на ‘Кредит Свис‘ од страна на ‘УБЦ‘ најверојатно ќе ги зголеми проблемите на ‘Кредит Свис‘“, вели аналитичарот на финансиските пазари Мајк О‘Рурк.
Акциите на најголемите европски банки во текот на денот закрепнаа по падот при утринското тргување. Така акциите на германските гиганти „Дојче банк“ и „Комерцбанк“ првично паднаа за 10,9%, односно за 8,5%, на француската „БНП Парибас“ за 8,2%, а на британските банки „ХСБЦ“ и „Стандард чартерд“ за 3%, односно за 4,8%.
„Европскиот банкарски сектор е отпорен, со здрави нивоа на капитал и ликвидност“, соопшти Европската централна банка, додавајќи дека ако има потреба, ќе ги поддржи банките од еврозоната со заеми.
Во исто време, Федерални резерви на САД објави дека ќе ги здружи силите со централните банки во Канада, Англија, Јапонија, ЕУ и Швајцарија во координирана акција за зајакнување на пазарната ликвидност.