Моќниот шеф на пакистанската војска ја повика нацијата на единство и да остави анархија и поделеност зад себе откако поранешните премиери Наваз Шариф и Имран Кан прогласија победа на парламентарните избори, одржани во четвртокот.
По најголемиот дел објавени резултати, независните кандидати поврзани со Кан, кој е во затвор, имаат освоено најмногу места во парламентот. Соработник на Кан изјави дека кандидатите поддржани од неговата партија планираат да формираат влада, повикувајќи на мирни протести ако до вечерва не бидат објавени конечните резултати од изборите.
Во исто време, Наваз Шариф, кој има поддршка од војската, ги повика другите партии да му се придружат во коалиција.
Без јасен победник, генералот Асим Мунир ги повика сите партии да покажат зрелост и единство, велејќи дека „политиката на поларизација не е соодветна за прогресивна држава со 250 милиони жители“.
Иако уште не се одлучени 14 места во генералното собрание, и Кан и Шариф кажаа дека победиле. Кан објави видеопорака во која го отфрли тврдењето на ривалот и ги повика своите приврзаници да слават. Тој неодамна беше осуден на затвор за објавување доверливи документи, корупција и за незаконски брак, а на неговата партија ПТИ ѝ беше забрането да учествува на изборите.
Околу 100 победнички кандидати се независни, но само осуммина од нив не се поддржани од ПТИ. Партијата на Шариф освои 71 место, а партијата на синот на убиената премиерка Беназир Буто е на третото место со 53.