Папата Лав упати остри критики до светските лидери кои трошат милијарди за војни и изјави дека светот го пустошат неколку тирани. За време на неговата посета на Камерун, поглаварот на Римокатоличката црква ги осуди оние кои го злоупотребуваат божјото име за сопствена корист во региони зафатени од воени конфликти.
Овие коментари следуваат по јавниот судир со американскиот претседател Доналд Трамп, кој упати низа напади кон папата поради неговите критики за воената операција на САД и Израел во Иран. Папата претходно изрази загриженост поради заканите на Трамп дека цела една цивилизација ќе исчезне доколку Иран не ги прифати американските барања за завршување на војната и отворање на Ормускиот Теснец.
Лав, кој минатата година стана првиот папа роден во САД, и претходно имаше забелешки за имиграциските политики на администрацијата на Трамп. Американскиот претседател на својата мрежа „Трут Соушл“ тогаш напиша дека папата треба да си ја гледа својата работа. На почетокот на африканската турнеја, папата пред новинарите изјави дека нема намера да дебатира со Трамп, туку ќе продолжи да се залага за мир.
Во обраќањето во Камерун, тој кажа дека лидерите свесно замижуваат пред фактот што огромни средства се трошат за убивање и уништување, додека во исто време нема ресурси за лекување, образование и обнова. Тој додаде дека господарите на војната се преправаат дека не знаат оти за уништување е потребен само еден миг, а за повторна изградба честопати не е доволен ниту цел животен век.



