Властите на Париз донесоа одлука за забрана за користење на сите бензински и дизел-возила во градот до 2030 година.
Со оваа одлука, најпосетениот град на светот сака да го забрза преминот кон електрични возила, како резултат на зголемената загаденост на воздухот.
„Тука станува збор за долгорочно планирање, за стратегија која ќе го намали количеството на штетни гасови. Транспортот е еден од најголемите произведувачи на вакви гасови. Затоа планираме, најдоцна до 2030 година, целосно да ги исфрлиме од употреба возилата со внатрешно согорување“, изјави Кристоф Најдовски, задолжен за транспортната политика во кабинетот на градоначалничката Ан Идалго.
Париз ќе биде домаќин на Летните олимписки игри во 2024 година и планираше до тогаш да го забрани возењето на дизел-автомобилите низ градот.
За да го намали загадувањето, Париз досега носеше непопуларни привремени одлуки, како зони без автомобили, денови без автомобили и казни за возачите кои возеа автомобили постари од 20 години.