Лидерот на опозицијата во Венецуела Хуан Гуаидо вети дека ќе ја продолжи борбата против режимот на Николас Мадуро откако му беше одземен парламентарниот имунитет, што отвора врата за негово апсење.
Повеќе од 50 земји го признаа Гуаидо за легитимен претседател на Венецуела откако тој во јануари ја почна кампањата против Мадуро, кој во последните недели го засили својот притисок врз опозицијата, па, меѓу другото, беше уапсен шефот на кабинетот на Гуаидо, обвинет дека планирал политички атентати.
Ова кулминираше синоќа, кога Уставното собрание на Мадуро му го укина имунитетот на Гуаидо, што го уживаше како член на парламентот што го контролира опозицијата.
„Дојде време за правдата“, изјави потпретседателката на собранието, Танја Дијас.
Венецуела со недели има проблеми со снабдувањето со електрична енергија, што Мадуро го опиша како „империјалистичка саботажа во соработка со Гуаидо“.