Милиони патници во САД во иднина ќе треба да платат дополнителни 250 долари за виза, што е предвидено со таканаречениот Голем прекрасен закон за буџетот, што Доналд Трамп го потпиша на 4 јули. Давачката важи за сегашната фискална година, која почна на 1 октомври 2024 и трае до 30 септември 2025. Сепак, новата цена на визата сѐ уште не се применува и не се знае кога ќе почне.
За следните години, сумата ќе биде прилагодена на инфлацијата, предвидува законот.
Давачката се однесува на оние кои доаѓаат во САД со неимигрантска виза, како туристи, странски студенти или работници кои добиваат привремена виза. Според податоците од Стејт департментот, во 2023 биле издадени повеќе од десет милиони неимигрантски визи.
Според новиот закон, имателите на визи кои подлежат на таксата можат подоцна да добијат надомест доколку ги почитуваат ограничувањата на нивната виза, како што е напуштање на САД во рок од пет дена од истекот на визата. Сепак, законот не прецизира како тие можат да аплицираат за надомест, ниту како ќе се наплаќа таксата. Засега не е јасно и дали таксата ќе биде ретроактивна.
„Таксата за интегритет на визата бара меѓуагенциска координација пред имплементацијата. Големиот прекрасен закон на претседателот Трамп ги обезбедува потребните политики и ресурси за враќање на интегритетот во имиграцискиот систем на нашата нација“, изјави портпарол на министерството за внатрешна безбедност на САД.
Во американската амбасада во Скопје моментално се плаќа 185 долари за виза.