ПЕТ ДЕНА ПО ГРАБЕЖОТ, ЛУВР ГО ПРЕФРЛИ СКАПОЦЕНИОТ КРАЛСКИ НАКИТ ВО ТРЕЗОРИТЕ НА БАНКАТА НА ФРАНЦИЈА

    ПЕТ ДЕНА ПО ГРАБЕЖОТ, ЛУВР ГО ПРЕФРЛИ СКАПОЦЕНИОТ КРАЛСКИ НАКИТ ВО ТРЕЗОРИТЕ НА БАНКАТА НА ФРАНЦИЈАКруната на француската царица Евгенија, која крадците ја украдоа во грабежот во музејот Лувр на 19 октомври, но ѝм испаднала при бегството. (Фото: Музеј Лувр)

    Пет дена по спектакуларниот гравеж во Лувр во Париз, дел од вредната колекција накит на музејот беше префрлен во Банката на Франција од безбедносни причини, објавија локалните медиуми. Накитот беше транспортиран под полициска придружба до блиските трезори на француската централна банка. Банката на Франција, која ги чува златните резерви на земјата во огромен трезор 27 метри под земја, е оддалечена само 500 метри од Лувр, на десниот брег на реката Сена.

    Не се знае кои експонати се префрлени во трезорите на банката, се смета дека тоа се крунските скапоцености изложени во галеријата Аполо и другиот накит. Овој трансфер се смета за вонреден. Тетратките на Леонардо да Винчи, за кои се проценува дека вредат над 600 милиони евра, се чуваат во тие трезори веќе неколку години.

    Лувр беше евакуиран и затворен на 19 октомври наутро откако четворица маскирани крадци упаднаа во галеријата Аполо, дом на преостанатите крунски скапоцености на Франција .Тие провалија во две витрини и побегнаа со осум парчиња накит кој некогаш бил во сопственост на француски кралици и царици, со проценета вредност од 88 милиони евра. Влегле во најпосетуваниот музеј во светот користејќи кран за да скршат прозорец на горниот кат за време на работното време, а избегале со мотоцикли.

    Дрската провала откри низа безбедносни пропусти во музејот, а во Франција се смета за за национално понижување. Сè уште нема трага од сторителите или украдениот скапоцен накит.

    Француските обвинители се надеваат дека ќе ги фатат крадците, откако истражителите пронајдоа повеќе од 150 примероци од ДНК, отпечатоци од прсти и други траги на местото на грабежот.

    „На местото на настанот беа обезбедени над 150 примероци од ДНК, отпечатоци од прсти и други траги, како и на шлем, аголни брусилки, ракавици, елек и така натаму, кои ги користеле и оставиле крадците“, изјави јавната обвинителка на Париз, Лор Бекуо. „Анализите одземаат време, иако се приоритет за лабораториите. Очекуваме резултати во следните неколку дена што може да ни дадат траги, особено ако сторителите имаат криминално досие“, рече таа.

    Бекуо рече дека околу 100 истражители од единиците за борба против сериозен криминал и трговија со културни добра се вклучени во потрагата по крадците.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира