Не се извршени безбедносни инспекции од 2019 година во швајцарскиот бар што се запали на Нова година, при што загинаа 40 лица главно на возраст од 14 до 25 години, изјави денеска на прес-конференција градоначалникот на градот Кран Монтана. Над 119 лица се повредени.
„Длабоко ни е жал. Немавме индикации дека проверките не се извршени“, изјави градоначалникот Николас Феро за отсуството на противпожарни проверки помеѓу 2020 и 2025 година, но рече дека нема да поднесе оставка.
Тој рече дека „ќе зависи од судиите“ да одлучат дали градскиот совет ќе биде дел од кривична истрага за несреќата.
Градоначалникот додаде дека панелите на таванот за звучна изолација што се користеле во барот „Ле Констеласион“ и очигледно се запалиле, не биле тестирани за противпожарна безбедност, а се сметале за прифатливи во тоа време.
Обвинителите изјавија дека пожарот што брзо се проширил во раните утрински часови на 1 јануари веројатно бил предизвикан од прскалки што го запалиле таванот на подрумот на барот. Сите прскалки сега се забранети во затворен простор, изјави градоначалникот.
Градоначалникот рече дека „засекогаш ќе се сеќава на таа ноќ и на тагата на сите тие семејства“.
Швајцарските обвинители претходно соопштија дека отвориле кривична истрага за француските менаџери на барот. Жак (49) и Џесика Морети (40) се осомничени за убиство од небрежност, предизвикување телесни повреди од небрежност и за палеж од небрежност, соопшти обвинителството на кантонот Вале.
Се верува дека една од најголемите трагедии во историјата на Швајцарија била предизвикана од прскалките поставени на шишиња шампањ кога премногу биле приближени до плафонот.



