Донациите за мажот од Сиднеј кој совладал еден од извршителите на вчерашниот антисемитски напад на популарната плажа Бонди надминаа 1,1 милион австралиски долари (744.000 американски долари), додека тој заздравува во болница по операцијата за прострелни рани.
Четириесет и тригодишниот пиљар и татко на две деца Ахмед ал Ахмед се криел зад паркирани автомобили, по што му се нафрлил на еден од напаѓачите, му го одзел оружјето и го бутнал на земја. Тој притоа бил ранет двапати од другиот напаѓач.
Премиерот Ентони Албаниз кажа дека Ахмед е херој кој спасил животи.
„Она што го видовме во последните 24 часа беше најлошото од човештвото во вид на терористички чин. Но, видовме и пример за најдоброто од човештвото во Ахмед ал Ахмед, кој се стрча кон опасноста, ставајќи го својот живот во ризик“, изјави Албаниз.
Семејството на Ахмед рече дека тој бил погоден во дланка и во рака.
Tатко и син го извршија нападот во Сиднеј за време на прослава на еврејскиот празник Ханука. Тие се идентификувани како 50-годишниот Саџид Акрам, кој беше убиен на самото место и неговиот 25-годишен син Навид, кој е во болница во критична состојба. Министерот за внатрешни работи Тони Берк кажа дека Саџид дошол во Австралија во 1998 со студентска виза, без да наведе од која држава, додека Навид е роден во земјата.
Жртвите се на возраст од 10 до 87 години, а на лекување во болница се 27 луѓе, од кои најмалку шестмина се во критична состојба. Во моментот на нападот, на плажата имало околу 1.000 луѓе. Очевидците кажаа дека нападот траел десетина минути. Видео снимено од минувач покажува маж како се бори со еден од напаѓачите и го разоружува. Тој подоцна беше именуван како Ахмед ал Ахмед.
Неговиот татко Мохамед Фатех ал Ахмед изјави дека Ахмед е австралиски државјанин и продава овошје и зеленчук.
„Мојот син е херој. Служел во полицијата и има страст да ги брани луѓето. Кога видел луѓе како лежат на земја и во крв, неговата совест го натерала да нападне еден од терористите и да му го одземе оружјето“, рече Мохамед Фатех.
И американскиот претседател Доналд Трамп го пофали Ахмед како „многу, многу храбра личност“.
Кампањата на „ГоуФандМи“ организирана за Ахмед собра повеќе од 1,1 милион долари во рок од еден ден. Милијардерот Бил Акман донирал најголема сума, 99.999 долари.



