РУСКАТА ПЛАТЕНИЧКА ГРУПА „ВАГНЕР“ ИЗЛЕЗЕ ОД ТАЈНОСТ И ПОЧНА ЈАВНО ДА БАРА БОРЦИ ЗА ВОЈНАТА ВО УКРАИНА, МЕСЕЧНА ПЛАТА Е 3.370 ДОЛАРИ

    РУСКАТА ПЛАТЕНИЧКА ГРУПА „ВАГНЕР“ ИЗЛЕЗЕ ОД ТАЈНОСТ И ПОЧНА ЈАВНО ДА БАРА БОРЦИ ЗА ВОЈНАТА ВО УКРАИНА, МЕСЕЧНА ПЛАТА Е 3.370 ДОЛАРИПлакати преку кои се рекламира „Вагнер“ се појавија низ руските градови (Фото: Телеграм)

    Три билборди во градот Екатеринбург фрлаат светлина врз она што некогаш беше една од најтајните руски организации: приватната воена платеничка група „Вагнер“.

    Татковина. Чест. Крв. Храброст. ВАГНЕР“, стои на еден од билбордите.

    Слични плакати осамнаа и во други руски градови како дел од напорите на „Вагнер“ да регрутира борци за војната во Украина. Тие исто така служат како потврда за трансформацијата на групата од мистериозна платеничка организација во јавно продолжение на руските воени операции во Украина.

    Се чини дека тие решиле веќе да не го кријат своето постоење. Сега веќе сите знаат за нив“, вели Денис Коротков, новинар на „Новаја газета“ и долгогодишен набљудувач на „Вагнер“.

    Групата била основана од Дмитри Уткин во 2014 како поддршка на проруските сепаратисти во источна Украина. Тој важи за краен десничар и наводно ја именувал групата според неговиот омилен композитор Рихард Вагнер. САД и други извори го посочуваат Евгени Пригожин, моќен бизнисмен близок на Путин, како главен финансиер на групата. Тој негира дека има врски со „Вагнер“.

    Платениците на „Вагнер“ во меѓувреме имаа важна улога во војната во Сирија и беа забележани во неколку африкански држави, при што често беа обвинувани за воени злосторства и кршење на човекови права.

    Мурал во Белград посветен на руските воени платеници во Украина (Фото: Гети)

    На хартија, групата не постои. Нема регистрирана компанија, ниту даночни податоци за неа. Приватните воени компании официјално се забранети во Русија, па семејствата на загинатите припадници на „Вагнер“ се натерани да молчат, а спомнувањето на групата во јавност е табу.

    Сепак, војната во Украина ѝ даде поголем публицитет на групата. Британските разузнавачи тврдат дека на крајот на март, околу илјада платеници на „Вагнер“ се бореле во Украина, но нивната бројка значително се зголемила откако Русија се фокусираше на Донбас. Се верува дека тие имале важна улога во освојувањето на градовите Попасна и Лисичанск, како и на огромната електрична централа во Вухлехирск. Овој воен успех беше обележан и во весникот „Комсомолскаја правда“, што беше најголемото јавно признание за „Вагнер“ досега.

    Од почетокот на војната во Украина, „Вагнер“ отворил регионални центри за регрутација во 20 руски градови, при што на борците им се нуди месечна плата од над 240.000 рубли (3.370 долари).

    Воените аналитичари сметаат дека зголеменото потпирање на Москва врз платениците на „Вагнер“ покажува дека таа се мачи да ги оствари своите цели во Украина, но постои и сè поблиска соработка помеѓу групата и министерството за одбрана.

    И пред војната во Украина, помалку од 30% од војниците на ‘Вагнер‘ беа вистински професионалци, а сега се состои од куп аматери. Рускиот циркус продолжува“, вели Габидулин, бивш командир на „Вагнер“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира