ПО 14 МЕСЕЦИ БОРБИ, ЗАПОЧНА ПРИМИРЈЕТО ВО ЛИБАН, ИЗРАЕЛСКИТЕ СИЛИ ЌЕ СЕ ПОВЛЕКУВААТ ВО СЛЕДНИТЕ 60 ДЕНА

    ПО 14 МЕСЕЦИ БОРБИ, ЗАПОЧНА ПРИМИРЈЕТО ВО ЛИБАН, ИЗРАЕЛСКИТЕ СИЛИ ЌЕ СЕ ПОВЛЕКУВААТ ВО СЛЕДНИТЕ 60 ДЕНАИзраел ги предупреди жителите на јужен Либан да не се враќаат веднаш кон селата за кои имаше наредба за евакуација (Фото: АП)

    Во четири часот по локално време, во Либан стапи на сила примирје по повеќе од една година борби помеѓу Израел и Хезболах. Договорот синоќа беше објавен од Израел, Франција и САД, чиј претседател Џо Бајден кажа дека ова треба да биде постојан прекин на непријателствата.

    Напади од двете страни имаше до самиот почеток на прекинот на огнот, при што Израел нареди евакуација на делови од Бејрут, а Хезболах лансираше дронови кон Израел.

    Набргу по почетокот на примирјето, Израелските одбранбени сили (ИДФ) ги предупредија жителите на јужен Либан да не се враќаат веднаш кон селата за кои имаше наредба за евакуација.

    Ќе ве информираме кога ќе биде безбедно да се вратите дома“, објави ИДФ на Икс.

    Судири имаше повеќе од една година, кога кон крајот на септември Израел ги засили бомбардирањата и изврши копнен упад во јужен Либан, со цел да ја уништи инфраструктурата на Хезболах, за кој тврди дека сега е значително ослабнат. Во најсмртоносната војна во Либан во изминатите децении загинаа најмалку 3.823 луѓе, а над еден милион беа раселени.

    Според договорот, постигнат со посредство на САД, израелските сили постепено ќе се повлекуваат од југот на Либан во следните 60 дена. За тоа време, борците и оружјето на Хезболах ќе бидат тргнати од областа јужно од реката Литани и тука ќе биде распоредена регуларната либанска војска. Либанскиот премиер Наџиб Микати го поздрави договорот и побара од Израел целосно да го почитува и да ги напушти окупираните области.

    Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вети дека Израел жестоко ќе нападне ако Хезболах не почитува некој дел од договорот.

    Израел го задржува правото на самоодбрана во согласност со меѓународното право“, изјави Бајден.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира