Доналд Трамп порача дека нема да има никаков договор со Иран, туку бара негово безусловно предавање. Американско-израелската војна против Иран утре влегува во својата втора недела и двете земји најавија засилување на нападите.
„После тоа и после изборот на одлични и прифатливи лидери, ние и нашите прекрасни и храбри сојузници и партнери ќе работиме неуморно за да го вратиме Иран од работ на уништување, правејќи го економски поголем, подобар и посилен од кога било досега. Иран ќе има одлична иднина, ќе го направиме Иран повторно голем“, напиша Трамп на својата социјална мрежа.
Тој вчера кажа дека сака да има улога во изборот на новиот врховен водач на Иран, додавајќи дека синот на убиениот ајатолах Али Хамнеи, Моџтаба, не доаѓа предвид за негов наследник.
Трамп се огласи откако иранскиот претседател Масуд Пезешкијан кажа дека некои неименувани држави почнале со посредничките напори, што е еден од првите сигнали за дипломатска иницијатива за крај на војната.
„Да бидеме јасни: ние сме посветени на траен мир во регионот, но нема ни најмалку да се двоумиме за да ги одбраниме достоинството и авторитетот на нашата земја. Посредувањето треба да се справи со оние кои го потценија иранскиот народ и го запалија овој конфликт“, рече Пезешкијан.
Според иранскиот систем, претседателот му е подреден на врховниот лидер, но Пезешкијан сега е член на панел кој ги презеде должностите на Хамнеи.



