Агенцијата за храна и лекови на САД (ФДА) ја одобри ковид вакцината на „Фајзер/Бионтек“ за децата од 5 до 11 години, но таа нема веднаш да биде достапна за оваа возрасна група. Центарот за контрола и превенција на болести прво треба да даде совети како би требала да се дава вакцината, за што ќе се дискутира во вторник.
„Фајзер“ соопшти дека уште денеска ќе почне да ги испорачува детските вакцини во аптеки, педијатриски амбуланти и други места каде што ќе се даваат.
Со оваа одлука, ковид вакцината ќе стане достапна за 28 милиони американски деца, од кои многумина се вратија во училиште на часовите со физичко присуство. Само неколку држави досега имаат одобрено ковид вакцина за вака млади деца, како Кина, Куба и Обединети Арапски Емирати.
ФДА кажа дека децата од оваа возрасна група ќе примаат доза од 10 микрограми, што е третина од дозата за лицата од 12 и повеќе години.
Според официјалните податоци, досега од ковид-19 починале 160 американски деца на возраст од пет до 11 години, а милиони се заразиле и илјадници завршиле во болница.