Еруптираше вулканот на полуостровот Рејкјанес во југозападниот дел на Исланд по неколку недели силни земјотресни активности. Околу 4.000 луѓе претходно беа евакуирани од рибарското гратче Гриндавик, а соседната геотермална бања Сина Лагуна беше затворена.
Во регионот околу главниот град Рејкјавик се чувствуваше засилување на сеизмичките активности од крајот на октомври. Исландската метеоролошка агенција објави дека ерупцијата се наоѓа четири километри североисточно од Гриндавик и сеизмичките активности се движат кон градот. Ерупцијата може да се види и од Рејкјавик, оддалечен 42 километри од Гриндавик.
„Пукнатината во вулканот е долга околу 3,5 километри, а лавата тече со стапка од 100-200 кубни метри во секунда. Тоа е многукратно повеќе во споредба со ерупциите на Рејкјанес во изминатите години“, соопшти Исландската метеоролошка агенција.
Од цивилната заштита кажаа дека ерупцијата се случила многу брзо и се чини дека е доста голем настан, а лавата истекува во сите насоки.
Премиерката Катрин Јакобсдотир изјави дека засега нема нарушувања во воздушниот сообраќај, а претходно направените одбранбени линии добро функционираат.