ПО ПОВЛЕКУВАЊЕТО НА РУСИТЕ, ВО ХЕРСОН ПРОНАЈДЕНИ ДЕСЕТИЦИ ТЕЛА НА ЦИВИЛИ И СОБИ ЗА МАЧЕЊЕ, ИСЧЕЗНАТИ СЕ НАД 700 ЛУЃЕ

    ПО ПОВЛЕКУВАЊЕТО НА РУСИТЕ, ВО ХЕРСОН ПРОНАЈДЕНИ ДЕСЕТИЦИ ТЕЛА НА ЦИВИЛИ И СОБИ ЗА МАЧЕЊЕ, ИСЧЕЗНАТИ СЕ НАД 700 ЛУЃЕЕдна од собите за мачење пронајдени во Херсон по повлекувањето на руските сили (Фото: Би-Би-Си)

    Украинските истражители кажаа дека пронашле 63 тела на цивили близу неодамна ослободениот град Херсон на кои имало траги на мачење. Тие исто така откриле 11 илегални затвори и четири соби за мачење во градот, каде што десетици мажи биле приведени, мачени со струја, тепани, а некои и убиени.

    Властите кажаа дека руските војници презеле малолетнички притвор во средина на март и го претвориле во затвор за локални жители кои одбивале да соработуваат со нив или биле обвинети за партизанска активност.

    Повеќе од 700 луѓе се водат како исчезнати и се стравува дека се или мртви или присилно одведени на окупираните територии или во Русија.

    „Истрагата за руските злосторства само што почна, зашто ќе се откриваат уште многу зандани и гробови“, изјави министерот за внатрешни работи Денис Монастирски.

    Шеесет и деветгодишниот Олександр Максименко вели дека делел соба со 15 мажи кои биле безмилосно тепани и мачени, понекогаш и со струја.

    „Беше ужасно. Еден затвореник имаше модринки по целото тело и осум дена не можеше да застане на нозе по претепувањето“, кажа Максименко, кој сега живее во Киев и не планира да се враќа во Херсон.

    Поранешната новинарка во локална телевизија Анжела Слободијан кажа дека Русите приведувале и жени.

    „Повеќе од еден месец бев притворена и изложена на психолошка тортура. Често гледав тела замотани во пластика кои беа изнесувани кога сослушувањата би отишле предалеку“, откри таа.

    Херсон е само уште еден случај каде што руските сили се обвинуваат за воени злосторства по повлекувањето. Русија продолжува да негира дека напаѓа цивили во Украина.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира