Доналд Трамп планира да повлече илјадници војници и од Авганистан, јавуваат американски медиуми.
Неименувани официјални лица рекоа дека околу 7.000 припадници на армијата ќе бидат вратени дома во наредните месеци, што е половина од американското присуство во земјата. Ова доаѓа само два дена откако Трамп објави дека ги повлекува трупите од Сирија, прогласувајќи пораз на Исламска држава, што од многумина беше оценето како избрзана одлука. На ова реагираше и секретарот за одбрана Џим Матис, кој поднесе оставка.
Во предизборната кампања, Трамп често изјавуваше дека ќе ги повлече САД од Авганистан, но минатата година се премисли, сметајќи дека повторното зајакнување на Талибанците би можело да доведе до колапс на државата.
Авганистанските власти велат дека не се загрижени за можното повлекување на САД.
„Неколку илјади странски војници кои се во земјата, пред сѐ, даваат советничка и техничка поддршка и нивното повлекување нема да има влијание врз безбедносната ситуација. Авганистанските сили се целосно одговорни за безбедноста уште од 2014 година“, изјави Харун Чукансори, советник на претседателот.
Сепак, според последните американски воени извештаи, талибанските борци се активни во 70% од земјата.