Унгарија ќе го следи примерот на Доналд Трамп и ќе го прогласи антифашистичкото движење Антифа за терористичка организација, кажа премиерот Виктор Орбан.
Антифа е општ термин за лабаво поврзани крајнолевичарски активисти и групи кои се спротивставуваат на фашизмот, фашистите и неонацистите, особено на демонстрации. Повеќе наликува на идеологија отколку на организација, иако некои прифатиле милитантни тактики.
Орбан изјави за државното радио дека е задоволен од најавата на Трамп да ја означи Антифа како „голема терористичка организација“ во САД.
„Антифа е навистина терористичка организација. И во Унгарија дојде време да ги класифицираме организациите како што е Антифа како терористички организации, следејќи го американскиот модел“, рече Орбан.
Антифашистичките групи ретко се вклучуваат во политички акции во Унгарија, каде што Орбан и неговата партија се на власт повеќе од 15 години. Орбан се осврна на инцидент од 2023, кога антифашистички активисти нападнаа неколку учесници на годишен настан на крајната десница во Будимпешта.