Доналд Трамп изјави дека неговата влада трајно ќе ја паузира миграцијата од сите „земји од третиот свет“, по нападот во близина на Белата куќа пред два дена, што тој го припиша на неуспесите во проверката на имиграцијата во ерата на Џо Бајден.
Ноќеска почина еден од двајцата припадници на Националната гарда кои беа ранети во нападот што го изврши мигрант од Авганистан, за кој се утврди дека порано соработувал со ЦИА во својата земја. Трамп објави дека 20-годишната Сара Бекстром им подлегнала на повредите, а другиот повреден, 24-годишниот Ендрју Волф, се бори за живот. Двајцата биле застрелани одблиску додека биле во патрола, по што напаѓачот бил ранет и уапсен. Тој е идентификуван како 29-годишен Авганистанец, кој престојувал во САД од 2021.
Трамп не ги именуваше земјите, ниту објасни што подразбира под земји од третиот свет или трајна пауза. Тој рече дека планот ќе ги вклучи случаите одобрени во време на администрацијата на Бајден.
„Трајно ќе ја паузирам миграцијата од сите земји од третиот свет за да му дозволам на американскиот систем целосно да закрепне, ќе ги укинам сите оние милиони нелегални приеми од времето на Бајден, вклучително и оние потпишани од неговото автоматско пенкало“, рече Трамп.
Тој додаде дека ќе ги прекине сите федерални бенефиции и субвенции за „недржавјаните“, ќе ги денационализира мигрантите кои го поткопуваат домашниот мир и ќе ги депортира сите странски државјани кои се сметаат за јавен товар, безбедносен ризик или за некомпатибилни со западната цивилизација.
Претходно, претставници на Министерството за внатрешна безбедност изјавија дека Трамп наредил широка ревизија на барањата за азил одобрени за време на администрацијата на Бајден и на зелените карти издадени на граѓани од 19 земји.
Десетици илјади Авганистанци влегоа во САД според специјална имигрантска заштита по хаотичното повлекување на Американците од земјата во 2021.



