ПОЧИНА ФАНОТ НА ШТЕФИ ГРАФ КОЈ ЈА ПРОБОДЕ МОНИКА СЕЛЕШ СО НОЖ

    ПОЧИНА ФАНОТ НА ШТЕФИ ГРАФ КОЈ ЈА ПРОБОДЕ МОНИКА СЕЛЕШ СО НОЖСелеш беше нападната на турнирот во Хамбург во 1993

    Озлогласениот напаѓач на тениската ѕвезда Моника Селеш починал на 68 години. Гинтер Пархе, кој бил опседнат со Штефи Граф, ја прободе Селеш во грбот за време на нејзиниот меч со Магдалена Малеева во 1993 година.

    Според германскиот весник „Билд“, Пархе починал уште во ноември минатата година во дом за нега во Нордхаузен. Тој ги поминал последните 14 години во оваа установа, каде што наводно живеел во една соба.

    Пархе почнал силно да ја мрази Селеш откако таа ја победи Граф во финалето на Ролан Гарос во 1990. Неговата омраза дополнително се засилила откако Селеш стана светски рекет број еден следната година.

    Тој ја дочекал својата шанса да ѝ се одмазди на Селеш на турнирот во Хамбург, каде што во пауза меѓу два гема ја прескокна оградата и ја рани со нож во грбот. Пархе веднаш беше фатен од обезбедувањето, додека Селеш беше пренесена во болница.

    Иако призна дека сакал да ја повреди Селеш, Пархе избегна затвор и беше осуден само на двегодишна условна казна. Пархе, кој беше опишан како ментално неурамнотежен осаменик, ја доби истата казна и на повтореното судење.

    Селеш успеа да заздрави од нападот и се врати на терените две години подоцна, по што го освои Отвореното првенство на Австралија во 1996.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира