Хју Хефнер, основачот на списанието за возрасни Плејбој почина на 91 годишна возраст, потврди неговата компанија „Плејбој ентерпрајз“.
Починал мирно, дома, од природна смрт.
Хефнер почна да го издава Плејбој од неговата кујна, дома во 1953 година. Списанието стана најдобро продаваниот магазин за мажи во светот. Во најдобрите години се продаваа по 7 милиони примероци месечно.
Во првото издание беа објавени голи фотографии од Мерилин Монро, кои Хефнер ги откупил за 200 долари.
Неговиот син Купер Хефнер изјави дека Хју ќе им недостига на многумина. Тој за неговиот татко рече дека имал исклучителен живот со медиумско влијание. Го нарече борец за слобода на говорот, граѓански права и сексуални слободи.
Издавањето на магазинот од Хефнер направи милионер, кој подоцна го прошири бизносот во казина и ноќни клубови.
Медиумскиот милионер во пижамите од свила стана познат по својот хедонизам, сликите со разголени Плејбој модели како зајчици, од кои две му станаа и сопруги. Во неговите позрели години тој приредуваше декадентни забави во неговите луксузни куќи во Лос Анџелес и во Чикаго. Тврдеше дека спиел со над 1.000 жени и дека на стари години редовно користел вијагра за подигање на либидото.