ПОЧИНА НОРВЕШКИОТ КРАЛ ХАРАЛД ПЕТТИ, БЕШЕ НА ТРОНОТ ОД 1991

    ПОЧИНА НОРВЕШКИОТ КРАЛ ХАРАЛД ПЕТТИ, БЕШЕ НА ТРОНОТ ОД 1991Харалд ќе биде запаметен како популарна и реформаторска личност, која ја модернизираше монархијата (Фото: ДПА)

    Норвешкиот крал Харалд Петти почина на 89 години, ден откако кралското семејство потврди дека се наоѓа во тешка состојба. Харалд, кој беше на тронот од 1991 година, се лекуваше во болница од бактериска инфекција на крвта.

    Кралската палата објави дека Харалд починал утрово во 6:35 часот во националната болница во Осло. Најблиските членови на семејството вчера се собраа во болницата за да бидат покрај кралот.

    Харалд беше првиот норвешки крал роден во Норвешка од 14. век. Него ќе го наследи 53-годишниот син Хакон, кој ќе одржи вонреден државен совет со владата подоцна денеска.

    Харалд беше во брак со кралицата Соња 58 години.

    Харалд е роден на 21 февруари 1937 близу Осло и имал три години кога Адолф Хитлер наредил инвазија на Норвешка. Мајката на Харалд избегала со своите деца во Шведска, по што отпатувале во САД на покана од претседателот Рузвелт.

    Принцот Харалд се вратил со своето семејство во Норвешка на крајот од војната и ги завршил школувањето и задолжителната воена служба. Станал престолонаследник во 1957.

    Тој на една забава ја запознал Соња Харалдсен, ќерка на бизнисмен, но морал да чека девет години пред да му биде дозволено да се ожени со неа. Откако добил согласност од татко му, кралот Олав Петти, Харалд и Соња се венчаа на 29 август 1958 во Осло, што им овозможи и на нивните деца Хакон и Марта Луиз да се венчаат со цивили.

    Харалд го наследи престолот на 17 јануари 1991. Поради нарушеното здравје, тој ги намали своите јавни ангажмани во април 2024.

    По 35 години на престолот, Харалд ќе биде запаметен како популарна и реформаторска личност, која ја модернизираше монархијата, раскина со традицијата со тоа што се ожени со обична жена и служеше како обединувачка фигура во најтешките моменти на Норвешка. Кралските набљудувачи велат дека бил приземен, почитуван и сакан, опишувајќи го како „дедо на нацијата“ и „народен крал“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира