Гана стана првата земја на светот која доби вакцини против ковид-19 преку Ковакс, програма на Светската здравствена организација која треба да обезбеди рамномерна распределба на вакцини меѓу државите. До крајот на годината, преку Ковакс треба да бидат поделени две милијарди дози низ цел свет, вклучувајќи ја и Македонија.
Вкупно 600.000 дози од вакцината развиена од Оксфорд и „АстраЗенека“ денеска пристигнаа во главниот град на Гана, Акра.
„Ова е исклучителен момент. Пристигнувањето на вакцините против ковид-19 во Гана е клучно за да се стави крај на пандемијата“, се вели во заедничкото соопштение на СЗО и УНИЦЕФ.
Тие додаваат дека пратката е дел од првиот бран испораки на вакцини во неколку земји со ниски и среднониски примања.
Оваа иницијатива беше воспоставена за да се спречи посиромашните земји да не останат без вакцини. Преку неа, вакцини треба да стигнат во 190 држави, а главната цел е 92 сиромашни земји да добијат вакцини во исто време кога и 98 побогати нации. Ковакс досега собра шест милијарди долари, а за да се исполнат целите за оваа година, потребни се уште најмалку две милијарди.