САД и сојузниците ќе испратат позитивна порака за идното членство на Украина во НАТО, изјави советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливен, во пресрет на дводневниот самит на западната воена алијанса во Вилнус. Тој додаде дека на самитот ќе биде постигнат договор за нов пакет воена помош за Украина.
Откако беше решено прашањето на Шведска, за чие членство турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган конечно даде зелено светло, лидерите на НАТО ќе се обидат да ја надминат поделеноста околу идното приклучување на Украина и да ги одобрат првите сеопфатни планови од крајот на Студената војна за одбрана од каков било руски напад.
Иако членките на НАТО се согласни дека Украина не може да стане членка додека трае војната со Русија, тие истовремено не се согласуваат околу тоа кога и под кои услови би се случило тоа по нејзиното завршување. Володимир Зеленски, кој е поканет да присуствува на самитот, бара да се утврди јасен пат за членството на Украина, за да може да му се придружи на НАТО веднаш по завршувањето на војната.
„Сѐ уште работиме на формулацијата, но јасно е дека Украина ќе биде членка на НАТО“, кажа Зеленски.
Членките на НАТО од источна Европа го поддржуваат ставот на Украина, сметајќи дека тоа е најдобриот начин за одвраќање на Русија од можен нов напад. Во исто време, земји како Германија и САД се попретпазливи, сметајќи дека секој потег со кој НАТО би се вклучил во директен конфликт со Русија би значел светска војна.