Триесет и двегодишен Британец е единствениот осомничен за вчерашното масовно бодење со нож во воз во Англија, а во врска со овој случај беше уапсен уште еден маж, против кого, сепак, не се покренати обвиненија. Британската полиција кажа дека нападот во кој се ранети 11 луѓе не е терористички чин.
Петмина од повредените се пуштени од болница. Најтешко повреден е член на екипажот на возот, кој се обидел да го запре напаѓачот.
„Детективите ги проверуваат снимките од надзорните камери од возот и јасно е дека неговите постапки биле херојски и спасиле многу животи“, кажа полицијата.
Инцидентот се случи синоќа во источна Англија и полицијата кажа дека ништо не сугерира дека станува збор за терористички напад. На местото на нападот е пронајден нож, а текот на настаните и мотивите на напаѓачот и натаму се утврдуваат.
Полицијата го опиша напаѓачот како црн Британец од Питерборо, каде што и се качил во возот. Тој бил уапсен откако возот вонредно запрел на станицата во Хантингдон, околу 150 километри северно од Лондон.
Криминалот со употреба на нож во Англија и Велс се зголемил за 87% во изминатата деценија, а само лани имало 54.587 прекршоци, што е меѓу највисоките стапки во Европа, според британското министерство за внатрешни работи.



