Алек Минасијан, кој во понеделникот усмрти 10 луѓе со комбе во Торонто, оставил порака на Фејсбук пред да го изврши нападот, навестувајќи дека тој бил мотивиран од неговата омраза кон жени, што ги потсети Канаѓаните на масакрот од 1989 година, кога беа убиени 14 студентки.
Дваесет и петгодишниот Минасијан е обвинет за убиство од прв степен, откако со изнајмено комбе влета во пешашка зона, при што повреди уште 14 луѓе. Грем Гибсон од полицијата на Торонто откри дека повеќето од загинатите и повредените се жени, но одби да дискутира за можни мотиви.
„Сите опции се отворени во оваа истрага“, кажа шефот на полицијата Марк Саундерс.
Властите сѐ уште ја немаат објавено листата на жртвите, но познато е дека меѓу загинатите има државјани на Јужна Кореја и на Јордан.
Полот како мотив го привлече вниманието на полицијата, откако беше откриен пост на Фејсбук, што Минасијан го објавил непосредно пред да го изврши нападот. Тој сугерира дека Минасијан бил дел од онлајн заедница, која била гневна што не може да воспостави односи со жени.
Постот, исто така, го величеше Елиот Роџерс, студент кој уби шест луѓе во 2014 година и кој често го користел изразот недоброволен целибат.
Во исто време, Канаѓаните се потсетија на масовното убиство од 1989 година, кога 25-годишниот Марк Лепан уби 14 ученички на колеџ во Монтреал, при што во прошталната порака ги обвини феминистките дека му го уништиле животот.