Француската полиција уби вооружен маж кој сакал да запали синагога во северозападниот град Руен. Тој носел нож и кога тргнал кон полицајците, тие го застрелале, изјави францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманан.
„Нападот на синагогата не ја погодува само еврејската заедница, туку целиот град е во шок“, изјави градоначалникот на Руен, Никола Мајер-Росињол.
Полицијата била повикана откако околу 6:45 часот бил забележан чад како излегува од синагогата. Кога пристигнале полицајците, еден од нив застрелал маж кој бил вооружен со нож и метална шипка.
„Пожарникарите се обидуваат да го стават огнот под контрола. Се чини дека нема други жртви освен напаѓачот“, додаде Мајер-Росињол.
Во Франција, како и во остатокот од Западна Европа, е забележан пораст на антисемитизмот откако во октомври почна војната помеѓу Израел и Хамас.