Членките на НАТО Полска, Естонија, Летонија и Литванија најавија повлекување од Договорот од Отава со кој се забранува употребата на нагазни мини. Тие кажаа дека се одлучиле на ваков потег поради зголемени воени закани од Русија.
Повлекувањето од договорот од 1997, што го имаат потпишано повеќе од 160 држави, ќе им овозможи на овие четири земји да почнат да создаваат залихи на нагазни мини и да ги користат повторно.
„Воените закани кон членките на НАТО кои граничат со Русија и Белорусија значително се зголемени. Со оваа наша одлука испраќаме јасна порака: нашите земји се спремни и можат да ги употребат сите неопходни мерки за да се одбранат“, стои во заедничкото соопштение на министерствата за одбрана на четирите држави.
Договорот од Отава беше еден од низата меѓународни договори склучени по крајот на Студената војна за да се поттикне глобалното разоружување. Русија никогаш не се придружи на овој договор, исто како и САД, Кина, Индија и Израел. По почетокот на руската инвазија врз Украина, таа стана најминираната држава на светот.
Финска, која дели граница со Русија долга 1.340 километри, исто така кажа дека размислува да се повлече од Договорот од Отава.