Полскиот претседател Анджеј Дуда денеска ќе назначи членови на влада која веројатно ќе трае само до декември, што опозицијата го опиша како фарса која има за цел да го одложи предавањето на власта на оние кои освоија мнозинство на изборите во октомври. Националистичката партија Закон и правда (ПиС) освои најмногу гласови на изборите, но не успеа да го обезбеди потребното мнозинство од 231 пратеник и веројатно нема да добие доверба во парламентот.
Широката алијанса на проевропски партии обезбеди 248 пратеници и изрази подготвеност да формира влада, но претседателот Дуда сепак прво му го даде мандатот на досегашниот премиер Матеуш Моравјецки. Неколкумина угледни членови на ПиС рекле дека нема да се придружат на новата влада, сметајќи дека таа нема да успее.
Лидерот на ПиС, Јарослав Качински, изјави дека имаат идеја да состават влада од експерти, а не од политичари.
„Поентата е дека не би требало да има премногу политичари во владата. Сакаме да покажеме дека може да се владее поинаку“, изјави Качински.
Моравјецки вети дека ќе ги спроведе политичките предлози на опозициските партии во обид да ги убеди да соработуваат со него.
„Сите знаеме дека ова ќе биде една голема комедија или фарса. Тоа е само борба за време“, изјави Марцин Кјервински, пратеник од редовите на либералната Граѓанска коалиција.