Катастрофалните поплави во американската држава Тексас се очекува да се влошат во наредните денови додека нивото на водата се покачува по бурата од историски пропорции. Рекордни 75 сантиметри дожд веќе наврнаа во градот Хјустон со ураганот Харви, претворајќи ги патиштата во реки. Но, метеоролозите велат дека таа бројка може да се удвои неделава. Градоначалникот на Хјустон Силвестер Тарнер кажа дека во привремените засолништа се примени 5.500 граѓани, а се очекува бројката да се зголеми 30.000.
Денеска, претседателот Доналд Трамп, исто така, прогласи вонредна состојба и во соседната држава Луизијана. Харви доби статус на ураган од четврта категорија во петокот, носејќи поплави опишани од властите како „без преседан“. Подоцна беше преквалификуван во тропска бура.
Околу 2.000 граѓани беа спасени во и околу Хјустон, четвртиот најголем град во САД, во кој што живеат околу 6,6 милиони луѓе. Според проценките, областа прими врнежи од една година за само една недела, а петмина се водат како загинати. Гувернерот Грег Абот ја активираше целата Национална гарда да им помага на спасувачките екипи, кои што со хеликоптери ги креваат луѓето заглавени на покривите на нивните домови.