Доналд Трамп објави дека ќе потпише извршна наредба со која привремено ќе биде запрена целата имиграција во САД поради коронавирусот.
„Нападнати сме од невидлив непријател и затоа мора да ги заштитиме работните места за Американците“, напиша Трамп на Твитер, алудирајќи на коронавирусот.
Засега е нејасно кои програми би биле погодени со наредбата и дали Трамп ќе биде во можност да ја спроведе. Критичарите ја обвинија неговата администрација дека го користи коронавирусот за да ѝ стави крај на имиграцијата.
Ограничувањата што беа воведени во изминатите недели ја парализираа американската економија, при што повеќе од 20 милиони луѓе останале без работа. Во САД има повеќе од 787.000 потврдени случаи на коронавирус, а починале над 42.000 луѓе.
„Ќе потпишам извршна наредба со која привремено ќе ја запреме целата имиграција во САД“, кажа Трамп, не изнесувајќи други детали.
Минатата недела, САД ги суспендираа речиси сите барања за виза поради пандемијата, а беше продолжена одлуката за затворање на границите со Мексико и Канада.