Многу лекари и научници беа шокирани откако претседателот Доналд Трамп се појави на телевизија и кажа дека бремените жени не треба да го земаат лекот против болки „тиленол“ и ги повтори побиените теории за вакцините и аутизмот.
Трамп отиде подалеку од поскромниот совет на Агенцијата за храна и лекови на САД (ФДА) дека лекарите треба да размислат за минимизирање на употребата на парацетамолот во бременоста, што владата на Трамп го поврза со појавата на аутизам кај децата. Министерот за здравство Роберт Кенеди Џуниор најави повеќе истражувања за ова нарушување и кажа дека ФДА наскоро ќе одобри „леуковорин“, лек стар неколку децении што традиционално го користат пациентите со рак, да се употребува за третман на деца со аутизам.
Стивен Флајшман, претседателот на Американскиот колеџ за акушери и гинеколози, е загрижен дека тврдењата за „тиленолот“ ќе ги уплашат идните мајки и родителите на деца со аутизам.
Алисон Сингер, претседателката на Фондацијата за наука за аутизам, остро го критикуваше пристапот на администрацијата, особено нејзините тврдења за „тиленолот“, за кои кажа дека не се научно засновани.
„Секоја поврзаност помеѓу ‘тиленол‘ и аутизам се заснова на многу ограничена, спротивставена и недоследна наука и прерано е да се даде вакво неосновано тврдење и да се ризикува поткопување на јавното здравје. Тоа е погрешно за семејствата кои заслужуваат јасни, фактички засновани информации“, рече Сингер.
Таа, исто така, ја доведе во прашање основата на објавата на Белата куќа.
„Не сме сигурни зошто оваа прес-конференција се одржа сега. Според нашите сознанија, не се откриени нови податоци, не се објавени нови студии и немаше нови презентации. Немаше научна или медицинска конференција“, рече Сингер.
Во април, Кенеди најави обемни тестирања и истражувања со цел да се открие причината за аутизмот во рок од пет месеци. Експертите предупредија дека тоа нема да биде едноставно, особено што аутизмот се истражува со децении и тие веруваат дека не постои само една причина. Аутизмот не е болест, туку комплексна развојна состојба која влијае на различни луѓе на различни начини.
„Што се однесува до вакцините, студиите постојано не наоѓаат веродостојна врска помеѓу вакцините кои ги примаат децата и аутизмот. Секој обид за погрешно претставување на исправна, ригорозна наука претставува закана за здравјето на децата“, изјави претседателката на Американската академија за педијатрија, Сузан Кресли.
Стапката на аутизмот во САД е во пораст. Околу едно од 31 дете било дијагностицирано со аутизам до осумгодишна возраст во 2022, во споредба со едно од 36 во 2020, според извештај на Центарот за контрола и превенција на болести објавен во април. Има две главни причини за тоа: проширување на дефиницијата на аутизмот во 2013 и подобар скрининг на децата, особено бебињата.