Пожарот на катедралата Нотр Дам, едно од обележјата на Париз, е ставен под контрола околу три часот наутро и веќе нема опасност од негово ширење, иако огнот сѐ уште тлее на некои места.
Катастрофалниот пожар што избувна вчера околу 18.50 часот целосно го уништи средновековниот покрив и урна една од препознатливите кули, но катедралата стара 850 години беше спасена од целосно уништување по неколкучасовните напори на пожарникарите. Тие, исто така, успеаја да спасат непроценливи реликвии и уметнички дела од внатрешноста на катедралата, кои привремено ќе бидат сместени во музејот Лувр.
Обвинителството отвори истрага за пожарот, но полицијата кажа дека тој најверојатно почнал случајно во поткровјето и го поврза со скапиот процес на реновирање на катедралата.
Еден пожарникар е повреден во акцијата на гаснењето, но не е во животна опасност.
Претседателот Макрон порача дека катедралата ќе биде обновена и дека ќе покрене меѓународна кампања за собирање средства. Милијардерот Франсоа-Анри Пино, извршен директор на компанијата која е сопственик на модните брендови „Гучи“ и „Ив Сен Лоран“, кажа дека ќе донира 100 милиони евра.
„Повторно ќе ја изградиме катедралата во наредните години. Тоа е она што Французите го очекуваат и она што историјата го заслужува“, изјави Макрон.
Во Париз утрово се сретнаа видни експерти и архитекти за да испитаат дали зградата е стабилна и дали пожарникарите смеат да продолжат со интервенции во внатрешниот дел.
„Имаме големи надежи. Оптимисти сме, затоа што двете кули се спасени. Прерано е да се каже кои од непроценливите уметнички дела се оштетени“, кажа министерот за култура, Франк Ристер.