Италијанските обвинители покренаа истрага против пратеник од редовите на партијата на премиерката Џорџа Мелони, откако со истрел од негов пиштол полесно било рането едно лице во новогодишната ноќ. Емануеле Пелоцо, член на владејачката партија Браќа на Италија, призна дека на него му припаѓа малиот пиштол од кој бил испукан еден куршум, но негираше дека тој пукал.
Опозицијата ја повика Мелони да го исклучи Пелоцо од партијата.
Во инцидентот лесно бил ранет зет на припадник на обезбедувањето кое го придружувало заменик-министерот за правда, кој исто така присуствувал на прославата во северното село Росаца.
Обвинителите кажаа дека го истражуваат Пелоцо за ранување, опасно користење оружје и за несоодветна грижа за оружје. Пелоцо имал дозвола за оружје, но опозициските политичари прашуваат зошто тој носел пиштол на новогодишна прослава.
Од десничарската партија Браќа на Италија соопштија дека против Пелоцо ќе бидат преземени мерки ако биде утврдено дека сторил нешто погрешно.