Израелската војска објави дека прекинот на огнот во Газа стапи во сила откако таа почна да се повлекува на претходно договорената линија.
„Нашите војници почнаа да се позиционираат на ажурираните линии за распоредување од пладне по локално време. Војниците на Израелските одбранбени сили се распоредени во областа и ќе продолжат да отстрануваат каква било непосредна закана“, соопшти ИДФ.
Израелската војска сега контролира 53% од Појасот Газа, но повеќето од овие области се надвор од урбаните зони.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека војската ќе остане во Газа за да врши притисок врз Хамас, кој досега ги одбиваше барањата да се разоружа.
„Тие ќе држат контролни позиции. На овој начин ќе имаме контрола врз Хамас пред следните фази од планот, во кои Хамас ќе биде разоружан, а Газа ќе биде демилитаризирана. Ако ова се постигне на лесен начин, тоа ќе биде добро, а ако не, ќе се постигне на потешкиот начин“, рече Нетанјаху.
Израелската влада ноќеска после полноќ го потврди прекинот на огнот со Хамас, со што се создадоа услови за завршување на борбите во Газа и за ослободување на заложниците во следните денови. Доналд Трамп кажа дека очекува ова да се случи в понеделник или вторник. Се верува дека уште 20 заложници се живи, 26 се мртви, а судбината на двајца не е позната. Засега не е познато каде ќе се одвиваат размените на заложниците и палестинските затвореници.
Пребегнатиот шеф на Хамас во Газа, Халил Ал-Хаја, изјави дека добил гаранции од САД и другите посредници дека војната е завршена.
Радиото на израелската војска објави дека Израел ќе дозволи 600 камиони со помош да влегуваат во Газа секој ден, а на Палестинците ќе им биде дозволено да се вратат дома во Газа преку граничниот премин Рафа. Камионите ќе можат да внесуваат храна, медицински залихи, гориво и засолништа.