Италијанскиот премиер Марио Драги денеска поднесе оставка, речиси една и пол година откако беше назначен да ја води владата на национално единство. Тој му соопшти на претседателот Матарела дека се повлекува откако три партии од неговата влада одбија да му дадат поддршка на синоќешното гласање за доверба.
Матарела побара од Драги да остане привремен премиер до предвремените избори, кои се очекуваат наесен.
Седумдесет и четиригодишниот Драги е популарна личност во Италија. Првпат поднесе оставка минатиот четврток откако од владината коалиција излезе движењето Пет ѕвезди, за потоа да ја повлече на барање на Матарела и јавноста. Тој вчера неуспешно се обиде да формира нов пакт за спас на владата.