Лидерот на Иранската револуционерна гарда Хосеин Салами побара од Иранците да ги прекинат неколкунеделните протести ширум земјата, предупредувајќи ги дека саботата е последниот ден од демонстрациите. Зборувајќи на погреб на жртви на напад на Исламска држава во градот Шираз, Салами ги повика младите Иранци да се откажат од протестите.
„Денеска е последниот ден од протестите. Не излегувајте пак на улиците. Што сакате од оваа нација?“, изјави Салами.
Повод за протестите во Иран беше смртта на 22-годишната Махса Амини, која почина на 16 септември откако беше приведена од т.н. морална полиција и однесена во т.н. центар за реедукација, наводно поради непридржување кон строгиот дрескод во земјата.
Демонстранти во источниот град Захедан се судрија со полицијците кои користеа солзавец и пукаа кон толпата во петокот, според видеа обавени на социјалните мрежи. Најмалку едно 12-годишно момче беше застрелано, според активисти.
Салами ги критикуваше САД и Израел дека влијаат на протестите, преку нивните медиуми. Тој претходно ѝ се закани и на Саудиска Арабија.
„Вие сте замешани во ова и знаете дека сте ранливи, па подобро е да бидете внимателни“, кажа Салами минатата недела.