Претставничкиот дом во американскиот Конгрес му изгласа импичмент на секретарот за домашна безбедност Алехандро Мајоркас, кој стана првиот член на владиниот кабинет кој бил отповикан во последните 150 години. Многумина републиканци го обвинуваат Мајоркас за огромниот наплив на мигранти на американско-мексиканската граница.
Мајоркас беше отповикан со 214-213 во гласови, откако првиот обид минатата недела беше неуспешен. Ова прашање сега ќе оди во Сенатот, каде што Демократите имаат мнозинство, па се очекува Мајоркас да остане на својата функција.
Противниците на Мајоркас кажаа дека тој не ја исполнил заклетвата дека добро и верно ќе ги извршува своите должности и не направил повеќе за да ја обезбеди границата. Покрај сите демократски застапници, против отповикувањето на Мајоркас гласаа и тројца републиканци.
Прашањето на мигрантите ќе биде едно од клучните во претстојната претседателска трка. Повеќе од 6,3 милиони мигранти илегално влегле во САД од 2021 и овој проблем ќе биде во фокусот на кампањата на Доналд Трамп во обид да го избрка Џо Бајден од Белата куќа. Една анкета од јануари покажа дека 63% Американци сакаат поцврсти политики за границата.
Последниот американски министер кој бил отповикан е Вилијам Белкнап во 1876 година.