Британската принцеза Кејт објави дека на тестирањата ѝ бил откриен рак и дека е во рана фаза на лекување. Во видеообјава, војвотката од Велс кажа дека тоа бил огромен шок по неколку неверојатно тешки месеци.
Таа испрати позитивна порака, велејќи дека е добро и станува сѐ посилна секој ден.
Палатата Кенсингтон не објави за каков вид рак станува збор, но изрази уверување дека принцезата целосно ќе заздрави.
Таа кажа дека не знаела дека има рак кога во јануари била подложена на операција на стомакот.
„Сепак, тестовите по операцијата открија присуство на рак. Мојот лекарски тим советуваше да почнам со превентивна хемотерапија и сега сум во рана фаза на лекување“, изјави Кејт.
Таа додаде дека заздравувањето од операцијата во јануари, за која не беа објавени детали, се одвива бавно, па затоа на нејзиното семејство сега му се потребни време, простор и приватност.