ПРОТЕКОА ДОВЕРЛИВИ ДОКУМЕНТИ НА САД И НАТО ЗА ПОДГОТОВКИТЕ ЗА УКРАИНСКАТА ПРОТИВОФАНЗИВА, НЕ ОТКРИВААТ КАДЕ И КОГА БИ ПОЧНАЛА

    ПРОТЕКОА ДОВЕРЛИВИ ДОКУМЕНТИ НА САД И НАТО ЗА ПОДГОТОВКИТЕ ЗА УКРАИНСКАТА ПРОТИВОФАНЗИВА, НЕ ОТКРИВААТ КАДЕ И КОГА БИ ПОЧНАЛАПет недели старите документи откриваат детали за барањата на Украина во пресрет на противофанзивата (Фото: Гети)

    Администрацијата на Џо Бајден го истражува протекувањето на доверливи воени документи за тајните планови на САД и НАТО за зајакнување на украинската војска пред очекуваната пролетна противофанзива, објави „Њујорк тајмс“.

    „Свесни сме за извештаите за објави на социјалните мрежи и ова прашање се разгледува“, изјави портпаролката на Пентагон, Сабрина Синг.

    Пет недели старите документи откриваат детали за барањата на Украина во пресрет на противофанзивата и за тоа како САД и НАТО би можеле да одговорат на нив. Тие се појавија на Твитер и Телеграм, кои имаат огромен број корисници во Украина и Русија.

    Документите сепак не содржат специфични борбени планови за тоа кога, каде и како украинските сили би ја почнале противофанзивата.

    Според воените аналитичари кои направија увид во документите, одделни делови изгледаат изменето, па така американските проценки за украинските жртви изгледаат претерано, додека истовремено проценките за руските жртви се минимизирани. На една фотографија стои дека Русија изгубила меѓу 16.000 и 17.500 војници од почетокот на инвазијата, додека Украина има околу 71.500 загинати војници.

    „Њујорк тајмс“ пишува дека ова претставува значителен пробив во американското разузнавање, имајќи предвид дека документите содржат информации што Пентагон досега не ги објавил јавно. Меѓу другото, тие ги откриваат стапката на трошење на муницијата за моќните ракетни системи ХИМАРС, распоредот на тренинзите на 12 украински борбени бригади, од кои девет биле обучувани од силите на САД и НАТО, како и тоа дека Украина бара 250 модерни тенкови и 350 оклопни возила.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира