ПРОТЕСТИТЕ ВО ИРАН ПРОДОЛЖУВААТ И ПОКРАЈ ЖЕСТОКИОТ ОДГОВОР НА ВЛАСТИТЕ, ТРАМП СЕ ЗАКАНИ СО ВОЕНА ИНТЕРВЕНЦИЈА

    ПРОТЕСТИТЕ ВО ИРАН ПРОДОЛЖУВААТ И ПОКРАЈ ЖЕСТОКИОТ ОДГОВОР НА ВЛАСТИТЕ, ТРАМП СЕ ЗАКАНИ СО ВОЕНА ИНТЕРВЕНЦИЈАНови судири избија синоќа во северните делови на главниот град, каде демонстрантите палеа огнови и извикуваа пароли за поддршка на династијата Пахлави. (Фото: Икс/принтскрин од видео)

    Демонстрантите во Иран продолжуваат со масовните излегувања на улиците, пркосејќи ѝ на сè побруталната пресметка на безбедносните сили со протестното движење кое се шири низ целата земја. Иако властите во четвртокот воведоа целосен прекин на интернетот за да ја изолираат земјата од светот, видеата кои успеаја да се пробијат во јавноста покажуваат илјадници луѓе во Техеран како извикуваат „Смрт за Хамнеи“ и „Да живее шахот“.

    Нови судири избија синоќа во северните делови на главниот град, каде демонстрантите палеа огнови и извикуваа пароли за поддршка на династијата Пахлави, која беше соборената по Исламската револуција во 1979 година. Силно незадоволство и пркос беше забележано и во Машхад, родниот град на врховниот водач ајатолахот Али Хамнеи, кој ги осуди демонстрантите како „вандали“ и ги обвини САД за поттикнување на немирите.

    Според податоците на американската новинска агенција за човекови права, досега се регистрирани повеќе од 570 протести во сите 31 провинција во Иран.
    Американскиот претседател Доналд Трамп упати серија закани до иранските власти, порачувајќи им дека „САД се подготвени да помогнат“ и дека Иран се соочува со „желба за слобода како никогаш досега“. Трамп предупреди дека доколку властите почнат да пукаат врз сопствениот народ, САД ќе одговорат со иста мера.

    На овие закани возврати претседателот на иранскиот парламент, Мохамад Багер Калибаф, кој предупреди дека американската војска и Израел ќе станат „легитимни цели“ доколку Америка изврши напад врз Исламската Република. Во парламентот, тврдите конзервативци со извици „Смрт за Америка“ ја поддржаа ваквата реторика.

    Иранскиот јавен обвинител, Мохамад Махвади Азад, упати предупредување дека секој учесник на протестите ќе се смета за „непријател на Бога“, обвинение кое според иранските закони носи смртна казна.

    Реза Пахлави, синот на последниот ирански шах кој живее во егзил, ги повика граѓаните да ги преземат контролните пунктови во своите градови и да го истакнат знамето со „лавот и сонцето“ од предреволуционерниот период, најавувајќи го своето скорешно враќање во земјата.

    Меѓународните организации за човекови права проценуваат дека во насилствата досега се убиени најмалку 116 лица, а повеќе од 2.600 се приведени. Поради блокадата на мобилните мрежи и интернетот, тешко е точно да се утврди бројот на жртвите и размерите на демонстрациите, кои се сметаат за најголем предизвик за режимот во последните неколку години.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира