Владејачката партија „Граѓански договор“ во Ерменија победи на парламентарните избори, кои се сметаат за тест за нејзиниот стремеж за мировeн договор со Азербејџан и се поголемото свртување кон Западот, подалеку од традиционалниот патрон Русија. Партијата на премиерот Никол Пашинјан освои 49,8% од гласовите со преброени сите гласачки места, доволно за да обезбеди парламентарно мнозинство според изборниот систем на Ерменија, соопшти централната изборна комисија (ЦИК).
Резултатите, врз основа на силна излезност од речиси 59%, исто така покажаа подобар од очекуваниот резултат за двете главни проруски опозициски групи, кои освоија вкупно 33% од гласовите и се на добар пат да влезат во парламентот заедно со „Граѓански договор“. Имено, проруската партија „Силна Ерменија“, предводена од милијардерот Самвел Карапетијан, e второто место со 23,3%. Поранешниот претседател Роберт Кочарјан е на третото место со својот сојуз „Ерменија“, кој обезбеди нешто помалку од 10% од гласовите. Се смета дека Кочарјан има одлични односи со рускиот претседател Владимир Путин.
Гласањето вчера беше првото парламентарно гласање во Ерменија по убедливиот воен пораз од Азербејџан во 2023 по години конфликт и политички турбуленции.
Победата на Пашинјан ќе ги зајакне неговите напори да ги диверзифицира сојузниците и трговските партнери на Ерменија подалеку од Русија и повеќе кон западните земји. Клучно за тој напор е обезбедување мировен договор со Азербејџан и нормализирање на односите со Турција, што би можело да отвори економски можности и да ја зајакне регионалната поврзаност во стратешкиот регион сместен меѓу Русија, Иран и Европа.



